Karike.com je društvena mreža koja ti nudi priliku da komuniciraš sa svojim prijateljima, upoznaš nove ljude, saznaš šta drugi misle o tebi i postaneš zvezda! Za korišćenje sajta uloguj se ili registruj! Besplatno je...
mak2008 blog

АНТЕ ПОПОВСКИ ЗА ВАС...

Кога си далеку

Кога си далеку, пролети утринум
се покажуват ветрови кои умеат
да гатаат, ќе те допрат,
ќе те помилуваат,
ќе ми ја поземат раката
и ќе ни речат: еве, сега
ќе ти се јави мајка ти.
Знае таа љубовта кон тебе
дека те прави неранлив.

На Големото заминување –
мали се сите неба...

Проповедникот

на д-р Ѓорѓи Зафировски

Никогаш и никаде Тој не спомна нешто
што ние живите го поимаме како време,
и ете, во суштина, ние
се разликуваме од Проповедникот
не сакавме или пак не можевме
да сфатиме дека нам не ни одминува
времето туку –
животот.

Две тишини

на Оливера Ќорвезироска

Ти конечно ме бакна,
и како и овие дождови и секавици,
како и овие ветришта,
ме окова за себеси,
и тоа што веќе меѓу нас се случи
сега и Бог – господ
не може да го спречи.

Но, каде си?

Ти и не знаејќи околу мене
насели две тишини:
една мала, во која те сонувам
и чекам, и една голема
во која исчезнувам.
Твојот заборав и моето заминување
сега и сам Господ – бог
не може да го спречи.

Ништо и – никого

На сонот ништо и никого
и некаде пред зори, само, гласот
на мајка ми која одново ме поучува –
ќе боли, ужасно ќе боли тоа,
но ти слушај ја мајка:
секогаш боли мртвото кога оживува
тоа мајка убаво го знае.

И низ сонот ништо друго и – никого...

Секој саме

Има една песна што уште никој не ја чул,
има една песна што уште никој не ја знае,
тиха, црна, морничава...

Има една песна што уште никој не ја испеал
но еднаш сите ние секој саме ќе си ја испееме
секој сами ќе си се – отпееме...

Има една песна која уште никој не ја чул
зашто е тоа само твоја песна.

Книгите недочитани,
соништата недосонувани –
тоа ли беше животот?

Секој со своето врзопче време
нагоре-надолу, натаму-наваму,
сè дури не се пресоздадовме себеси
во саркофаг зборови,
во една бела тишина...

Книгите недочитани,
соништата недосонувани,
тоа ли беше животот?

О, Кавафис

на Матеја Матевски

Од ноќва натаму ќе расте денот,
а потоа и пролетта ќе ја подготвува тревата,
густа и зелена, за некого.
И еден бел коњ ќе вишти некаде во залезот
и ќе чека некого
за да отпатува неповратно таму
кај што престануваат сите значења
и на прелагите за некаква
света должност
кон татковината и безброј други баналности
...

О, Кавафис,
од денес натаму ќе нараснува денот,
а потоа и пролетта ќе ја подготвува тревата,
густа и зелена, за некого. Таму некаде
ќе си легнеме сами,
зашто ние на животот му подаривме
само нешто свое,
а на смртта – сè...



 
Interesantno
pozitivni glasovi: 1  |  negativni glasovi: 0

Napiši komentar: