Karike.com je društvena mreža koja ti nudi priliku da komuniciraš sa svojim prijateljima, upoznaš nove ljude, saznaš šta drugi misle o tebi i postaneš zvezda! Za korišćenje sajta uloguj se ili registruj! Besplatno je...
mak2008 blog

Сеќавање

Изминаа два дена од земјотресот а мене ми беше многу криво зошто нашето семејство не направи “баракичка“, куќичка од дрвена конструкција обложена со терпапир какви што имаа моите другарчиња Коле и Циле. Во куќичката на Коле се вртев секој ден од утро до стемнување а за спиење си одев дома. Нашето семејство беше единствено што спиеше дома, во зградата. Татко ми беше виновникот што спиевме дома. Рече: - Кога не загинавме дури беше земјотресот, нема да загинеме никогаш. И беше во право иако секој ден тресеше по неколку пати во денот. Ги слушав постарите кои велеа дека сме имале среќа што двете подземни струи поминале една над друга. Ако се судреле, ќе се отворела земјата и целиот град ќе пропаднел, ќе го снемало. Таа прикаска многу ме плашеше. Си замислуивав како би изгледала таа катастрофа, тресе, се отвара земјата и ние сите сосе згради пропаѓаме како во голема дупка. Но играта детска која не престанува и по вакви катастрофи ми ги оттргнуваше страшните мисли.

Во дворот од училиштето Владимир Назор, војската постави големи шатори, купатила, машки и женски, шатор-амбуланта. На ѕидот од школото каде што сега е дневен претстој, беше бојосан со бела боја, скоро секоја вечер ни проектираа филмови. Доаѓаше и Петре Прличко давјќи претстави театарски. За нас сите, тоа беше чудо невидено. На игралиштето меѓу зградите имаше една барака во која се складираше храна која што доаѓаше како помош од светот. Следување делеше тетка Милка, жена што живееше во зградите на извршниот совет. Ги познаваше луѓето од Мичурин и на секое семејство му даваше дневно следување. Тогаш за прв пат видов јајца и млеко во прав-помош од Америка. Супи, џамлии за децата и пакети со облека дава во школото. Мене ми се падна пакет од Мексико во кој имаше карирана кошула и фармерки, две кесиња со џамлии. Бев пресреќен ама и горд оти само јас имав таква шарена кошула и фармерки. Сите комшии станаа некако многу блиски, како едно семејство. Секој секому помагаше, кој што може. Се почитуваа сите. Се тешеа оние што изгубиле некој близок, роднина, кои што живееле во другите маала во Скопје. Ние сепак имавме среќа оти епицентарот беше токму во центарот од градот, баш кај железничката станица. Улицата пред железничката станица изгледаше како морски бранови, беше како големи морски бранови.

Моето маало Мичурин тогаш беше периферија.

А два дена предходно се случи катастрофалниот земјотрес во Скопје. Сите бевме дома, и сите будни. Татко ми, мајка ми, јас и брат ми. Бевме станати оти моите требаше да одат на работа и да го однесат брат ми во градика. Беше бебе на две години. Мајка ми го имаше земено в раце, татко ми само што не излезе од дома. Одеднаш страшно татнење и тресење. Од висеќите долапчиња во кујната почнаа да паѓаат чаши, чинии па мајка ми мораше да се заврти и да го подметне грбот за да го заштити брат ми. Јас летав де во оградата од креветот, де во ѕидот. Си помислив дека во зградата се урнал авион оти често летаа над нашите глави. Кога престана татнењето и тресењето, татко ми рече дека е земјотрес и сите заедно еден по еден излетавме надвор, пред зградата. А таму, собрани комшиите, мажи и жени во долна облека, децата по гаќи, сите ги изненади земјотресот, многумина ги начека на спиење. Откако се смирија луѓето, татко ми одеше во становите за да им донесе алишта да се облечат. Само тој имаше храброст да влези во зградата.

По неколку дена, имаше голема акција, да ги носат децата од Скопје на одмор некаде на Јадранот. Отидовме на железничка станица, ме качија во возот, во едно купе и моите стоеја на перонот за да ме испратат а јас не сакав да одам, несакав да се разделам од нив. Толку силно плачев, што на крајот, пред да тргне возот, татко ми ме симна од купето со дрвени клупи за седење. Бев пресреќен и до дома си го носев сам кафеавиот куфер кој што го чувам и ден денес.

По неколку дена, ние децата заборавивме на несреќата и одевме во Авијатика.

Во Авијатика, денешната населба Аеродом иамше касарна и голема ледина, таму беше и аеродромот на кои слетуваа Каравели, француски тип на авиони со пропелери. Таму, во Авијатика, се одржуваа и летови со едрилици, скокаа падобранци, што војни, што цивилни. Тогаш се чудевме гледајќи ја Нада Ицева како влегува во авионот и ги гледавме нејзините скокови со рацете на челото, жмиркајќи од сонцето кое ни светеше в очи. На едриличарите, падобранците и пилотите им носевме вода за пиење во широките шишиња во кои што се продаваше млеко и јогурт. Содржината се разликуваше по бојата на капачето.

Одевме на Вардар да се бањаме, тоаш и водата беше чиста што дури и можеше да се пие. Правевме брани од прачки и дури и со раце фаќафме риби. Трчавме по железничкиот мост неводејќи сметка и не размислувајќе дека некој од нас може да падне во реката.

Беа тоа денови на тага во очите на постарите и среќа во детските срца од игрите што не зближуваа.

Оттогаш, секојпат кога ќе осетам земјотрес во Скопје, јас воопшто не се тревожам, останувам мирен. И денес живеам во истиот стан и се сеќавам на зборовите од татко ми дека нас земјотрес ништо не ни може...

А есента 1963 ме пратија да го учам второто одделение во Крушево, кај баба ми Флора во тогаш едиственото училиште Никола Карев.

Вчера поладне по улицата пред мојата зграда врвеше колона од коњаници кои ќе одеа за Крушево. Срцето ми трепереше од возбуда и сеќавањата на 1963 и Крушево.



 
Interesantno
pozitivni glasovi: 4  |  negativni glasovi: 0

Napiši komentar:

lena65 (51)
SO SOLZI OVA GO PROCITAV ..MOETO MILO KRUSEVO ..TAMO MI E SRCETO ..NI SE BLIZI GOLEMIOT DEN ILINDEN ..NEKA NI E NA POMOS SO SREKA I DOBRO ZDRAVJE ..KORENITE MI SE OD KRUSEVO ..VO MENE TECI CESNA KRV VLASKA MAKEDONSKA MNOGU SUM GORDA PORADI TOA ..
#1, 28.07.2010 - 13:29